По трагите на писмото и јазикот на Древните Македонци

Во овој труд се презентирани резултатите од истражувањата реализирани во рамките на проектот "Дешифрирање на средниот текст на каменот од Розета", финансиран во рамките на МАНУ во периодот јануари, 2003 до декември 2005 година.

Предмет на ова истражување е еден од најпознатите текстуални артефакти од стариот Египет, предмет на бројни проучувања и истражувања во научниот свет од областа на античката историја и лингвистиката - Каменот од Розета (поглед однапред, поглед одзади, приказ на трите текста на каменот, послободен превод на декретот на Птоломеј Епифан Евхаристос

Констатирано е дека за средниот текст на каменот од Розета е користено слогово писмо oд типот согласка-самогласка. Идентификувани се симболи за 25 согласки. Користејќи ја постапката на пресликување и ротација во рамнината на пишување, определен е еднозначен начин за поврзување на симболот за согласка со 4 или 8 самогласки. Иако ретко употребувани, идентификувани се и симболите за запишување на изолирани самогласки и согласки. Во анализираниот текст, покрај пишувањето на слоговите знаци еден до друг, често се пишувани слоговите знаци и еден на друг, во форма на лигатури. Иако во мал број идентификувани се и неколку пиктографски симболи.

Озвучувањето на идентификуваните слогови знаци, осамени согласки или самогласки и лигатури е реализирано со користење на архаизми од дијалекти на современиот македонски јазик. Во анализираниот текст кој е пишуван оддесно налево, без растојание меѓу зборовите и одвојување на речениците, во непрекината низа идентификувани се повеќе од 160 зборови кои го задржале значењето и во современиот македонски јазик. Исто така, идентификувани се и одреден број на граматички правила кои се препознатливи и во современиот македонски јазик, како што е формирањето на суперлатив кај придавките со префиксот нај, множина кај именките со додавката и, појавата на определена и неопределена форма кај именките и зачестената употреба на предлогот на. Со вака идентификуваните слогови знаци, нивното озвучување и определените правила на пишување, создадена е еднозначна методологија за препознавање на одредени зборови и читање на напишаното.

Резултатите од дешифрирањето на средниот текст од каменот од Розета укажуваат на многу повеќе детали кои во текстот запишан на античко-грчко писмо ги нема. Оваа констатација го потврдува сознанието на науката уште од времето на Томас Јанг (1822) дека средниот текст е оригиналот. Врз основа на нашите истражувања ова сознание можеме да го допрецизираме со констатација дека декретот на фараонот во средниот текст на каменот од Розета во оригинал е напишан на јазикот на античките Македонци со писмо на живите господари, односно со официјалното писмо и јазик на државата која што тие ја управувале повеќе од еден век.

Клучни зборови: антички Македонци, писмо, јазик

Контакти:

акад. Томе Бошевски
проф. др. Аристотел Тентов      toto@feit.ukim.edu.mk